Италијанскиот произведувач на слатки, „Ferero“, ја нуди најслатката работа на светот, бидејќи објави оглас за дегустатори.
„Фереро“ го објави огласот во кој бара 90 дегустатори, кои ќе ги тестираат вкусовите на какао, лешници и други сирови производи за производство на чоколада.
Компанијата на заинтересираните им нуди договор на половина работно време.
Nutella е еден од најпознатите производи на „Фереро“, па сега на сите љубители на овој крем им се нуди неверојатна прилика.
Имено, работата предвидува два работни дена во неделата, со седиште на компанијата во Алби. За добивање на работата не е потребно да се има претходно искуство, туку само е важно кандидатите да немаат никаква алергија на храна.
Избраните кандидати се обврзуваат до 30 септември да посетат тромесечен курс, на кој на крајот најдобрите ќе бидат избрани како дегустатори на чоколада. Тие ќе бидат поделени во две групи, најавува „Фереро“.
Досега „Фереро“ за оваа работа ја користеше интерната работна сила, односно вработените лица, кои ги тестираа своите производи.
Меѓутоа, овој пат сака да добие мислење од потрошувачите, без никакви сознанија за состојките на производот.