Цената на течниот нафтен гас – плинот од денеска е пониска, откако на пазарот е регистрирано намалување и во малопродажбата и во трговијата на големо.
Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, од полноќ „Макпетрол“ ја намалил малопродажната цена на плинот за 5 денари по литар – од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е забележано намалување од 10 денари по килограм, што се пресметува како околу 5 денари по литар.
Според изнесеното, и останатите компании на пазарот го следат овој тренд, па малопродажните цени на бензинските станици се движат од 53 до 54 денари по литар, со намалување од 5 до 6 денари.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека намалувањето не е резултат на краткорочни пазарни движења, туку на анализа и договор со трговците за намалување на бруто маржите.
„Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, за да нема осцилации“, изјави Митева, додавајќи дека намалувањето изнесува над 10% во трговијата на големо и околу 9 до 10% во малопродажбата.
Таа посочи дека мерката е резултат на анализа на Државниот пазарен инспекторат и разговори со трговците, при што е постигнат договор за корекција на ценовната структура.
„Ова е суштинската разлика во пристапот – наместо декларативни политики, носиме мерки што даваат директен ефект врз цените“, истакна Митева.
