Насилството во Ѓорче Петров: Обвинителството покрена постапка против четирите малолетнички, се бараат и мерки на претпазливост

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје преку Одделението за малолетници презема конкретни правни чекори за врсничкото насилство што ја вознемири јавноста. Поднесено е барање за поведување подготвителна постапка против четири малолетнички кои физички нападнаа 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров.

Два одвоени напади врз 13-годишна врсничка

Според официјалните информации од Обвинителството, постапката се води исклучиво согласно Законот за правда за децата. Осомничените девојчиња, од кои едната е на возраст од 17 години, а останатите три имаат по 14 години, се товарат за кривично дело Насилство (по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик).

Се вчитува...

Во барањето поднесено до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје, се наведува дека постои основано сомнение оти овие четири малолетнички, во два одвоени настани, учествувале во дејствија на насилство кон помалото, 13-годишно девојче.

Имајќи ја предвид тежината на делото, сите околности и начинот на кој е сторено насилството, надлежниот јавен обвинител до судијата за деца доставил и официјален предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените.

Под лупа и одговорноста на родителите

Паралелно со постапката против малолетничките, Обвинителството ги истражува и нивните семејства.

Како што беше најавено од полицијата, до ОЈО Скопје веќе се пристигнати шест кривични пријави против родителите за кривично дело Запуштање и малтретирање дете (по член 201 од КЗ). Тие се пријавени бидејќи постои сомнеж дека ја запоставиле својата родителска должност за грижа и воспитување, што директно резултирало со насилничкото однесување и физичкиот напад извршен од страна на нивните деца.

Од Обвинителството информираат дека овие пријави се веќе распоредени кај надлежни обвинители и по нив активно се постапува, при што се прибираат докази за детална проверка на наводите во рамки на редовна постапка.