НАТО се собира во време на војни

Оградите се кренати, подготвени се супер строги безбедносни мерки пред состанокот на лидерите на НАТО тука во Хаг. Холандскиот град е речиси задушен од полициската операција наречена „Портокалов штит“. Броени се часовите кога се затвора воздушниот сообраќај. Паркинг местата се блокирани, а на работниците им е кажано да останат дома, а јавниот превоз се пенасочува.

Градот кој е симбол на мирот и правдата поради меѓународните судови што ги има, сега е град на безбедноста, особено поради доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп. 27.000 полицајци и 10.000 припадници на одбраната се подготвени да одговорат на предизвиците, особено што вчера тука се одржаа протести против НАТО и зголемувањето на трошоците пред самитот кој пак се одржува во време на зголемување на глобалните геополитички тензии и ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Воените бродови Фрегата патролираат во Северното Море, а борбените авиони Ф-35 и хеликоптерите Апаче го надлетуваат Хаг, а системот за воздушна одбрана е во состојба на готовност.

Денис Оорбург е командат на бродот и задолжен за безбедноста на воздушниот сообраќај.

„Ова е резервен систем за контрола на воздушниот сообраќај, но и платформа за оружје што може да се користи ако имаме ескалација во воздушниот домен. Исто така, можеме да спроведуваме операции низ морето, но примарна задача е да се обезбеди безбедноста во воздухот“, изјави Денис Оорбург, командат на бродот.

27.000 полицајци – околу половина од сите сили на земјата се на должност околу самитот, заедно со повеќе од 10.000 припадници на армијата. Ова е најголемата безбедносна операција некогаш спроведена во Холандија. Кодното име е „Портокалов штит“. Особено се внимава на дронови и мали авиони.

„Значи, во случај на ситуација во воздухот, мојата работа е да бидам подобар менаџер или главен контролор. И да им дадам задача, на пример, на нашите воздушни сили, F-35, да извршат мисија кон непознат авион или кој било авион во ситуација што можеби сакаме да ја истражиме.“, изјави Мајор Монк, контролор на воздушната одбрана.

Стотици вчера се собраа и протестираа против НАТО и војната во Газа, на демонстрантите им се приклучија и Иранци кои држеа транспаренти на кои пишуваше: „Не за војна со Иран“, еден ден откако САД започна напади врз три нуклеарни постројки на Иран.

Шефовите на влади сакаат да постигнат договор за зголемување на трошоците за одбрана што го бара американскиот претседател Доналд Трамп. Договорот изгледаше во голема мера склучен минатата недела, сè додека шпанскиот премиер Педро Санчез не му пиша на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека обврзувањето на Мадрид да троши 5% од својот бруто домашен производ за одбрана „не само што би било неразумно, туку и контрапродуктивно “. Американските сојузници ги зголемија трошоците за одбрана откако рускиот претседател Владимир Путин нареди целосна инвазија на Украина пред повеќе од три години, но речиси една третина од нив без Македонија сè уште не ја исполнуваат моменталната цел на НАТО од најмалку 2% од нивниот бруто домашен производ.

Јовица Пауноски, ТВ21, Хаг, Холандија.