„Научивме ДА РАКУВАМЕ СО НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ, ЌЕ ГО КОРИСТИМЕ! Тензично на границата со Украина, Белорусите тврдат дека се подготвува САБОТАЖА

Белорусија се закани дека е подготвена да користи нестратешко нуклеарно оружје доколку независноста и суверенитетот на земјата се загрозени во време на зголемени тензии на нејзината граница со Украина.

„Њузвик“ објави дека оваа закана вчера ја изрекол Павел Муравејко, началник на Генералштабот на белоруската армија, кој е и вицепремиер.

– Научивме како да ракуваме со тоа оружје (кое Русија го распореди на територијата на Белорусија на крајот на 2022 година). Знаеме како безбедно да го примениме. Ние сме способни да го направиме тоа. И можете да бидете сигурни: тоа ќе го направиме ако се загрозени суверенитетот и независноста на нашата земја – изјави Муравејко во интервју за локална телевизија, а пренесува белоруската агенција Белта.

Ден претходно белорускиот полковник Вадим Лукашевич изјави дека соседна Украина распоредила сили на границата.

– Тие се обидуваат да ја вовлечат нашата земја во војна – рече Лукашевич, мислејќи на целосната инвазија што Русија ја започна во Украина на 24 февруари 2022 година.

Во саботата Белта го објави тврдењето на Лукашевич дека Украина може да ги користи војниците распоредени на белоруската граница за „саботажа и терористички акти“.

Киев Индипендент наведува дека не може да ги потврди овие тврдења на Лукашевич.

Се потсетува дека белоруското Министерство за одбрана на почетокот на овој месец објави дека ја зголемува безбедноста на границата со Украина по серијата „наводни безбедносни инциденти“.

Лукашевич тврдеше дека украинските војници распоредиле воена опрема, вклучително и опрема од американско производство, во регионот Житомир, кој граничи со Белорусија.

Тој исто така рече дека Украинците наводно поставиле мини и други експлозивни направи во близина на границата со Белорусија.

Според мислењето на Лукашевич, тоа укажува на плановите на украинските сили да извршат напади.

Центарот за борба против дезинформации на украинскиот Совет за одбрана и безбедност во мај објави дека Русија би можела да одлучи да спроведе нова психолошка операција чија цел е „предизвикување масовна паника“ во Украина.

Тогаш беше објавено дека планот на Москва е да го натера Киев да верува дека белоруските трупи ќе се приклучат на Русија во војната.

– Очекуваме серија провокативни изјави на високи функционери на Русија и Белорусија кои наскоро ќе и се закануваат на Украина – се наведува во соопштението на центарот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното