Научниците открија нов дел од имунолошкиот систем

Научниците открија дека дел од телото, кој е познат по тоа што рециклира протеини, има таен механизам што произведува арсенал од хемикалии што убиваат бактерии.

Истражувачите од Израел тврдат дека ова откритие ја менува нашата перцепција за тоа како телото се штити од инфекции. Дополнително, тоа отвора нови можности за пронаоѓање антибиотици што би можеле да помогнат во борбата против супербактерии кои стануваат отпорни на постојните лекови.

Откритието е фокусирано на протеасомот – мала структура што се наоѓа во секоја клетка на телото. Неговата главна функција е да ги разградува старите протеини на помали делови за повторна употреба.

Сепак, серија експерименти, објавени во списанието Nature, покажаа дека протеасомот има способност да препознае кога клетката е заразена со бактерии. Во такви случаи, тој ја менува својата структура и функција – односно, почнува да ги претвора старите протеини во „оружје“ што може да ја разруши надворешната обвивка на бактериите и да ги убие.

Професорката Ифат Мербл од Институтот Вајцман изјави:

„Ова е навистина возбудливо, бидејќи досега не знаевме дека вакво нешто се случува. Откривме нов механизам на имунитет кој ни овозможува да се браниме од бактериски инфекции. Овој процес се одвива во сите клетки низ телото и создава целосно нова класа на природни антибиотици.

Истражувачкиот тим спроведе детален процес на анализа, кој го нарекоа „копање по ѓубре“, за да ги пронајдат овие природни антибиотици. Тие беа тестирани врз бактерии во лабораториски услови и врз глувци со пневмонија и сепса, при што резултатите биле слични на оние од веќе постоечките антибиотици.

Дополнително, кога научниците го оневозможиле протеасомот во лабораториски услови, клетките биле многу поподложни на инфекции од бактерии како Salmonella.

Професорот Даниел Дејвис, раководител на Одделот за биолошки науки и имунолог при Империјал колеџ во Лондон, изјави дека откритието е „исклучително провокативно и многу интересно“, бидејќи целосно го менува нашето разбирање за тоа како телото се бори против инфекции.

„Она што е навистина возбудливо е што ова е целосно непознат процес преку кој нашите клетки создаваат антибактериски молекули. Ова откритие е и важно и изненадувачко.“

Сепак, тој предупреди дека претворањето на ова откритие во нова генерација антибиотици сè уште треба да се испита и дека тоа ќе одземе време.

Глобално, повеќе од еден милион луѓе годишно умираат од инфекции што се отпорни на постоечките антибиотици. И покрај оваа итна потреба, истражувањата за развој на нови антибиотици се ограничени.

Во таков песимистички контекст, откривањето нов извор за потенцијални антибиотици дава надеж.

Доктор Линдзи Едвардс, виш предавач по микробиологија на Кингс колеџ во Лондон, изјави за BBC:

„Ова е потенцијален златен рудник за нови антибиотици – и тоа е навистина возбудливо. Досега антибиотици баравме во почвата, но сега откриваме дека ги имаме во себе. Сè се сведува на тоа дали имаме технологија што ќе ни овозможи да ги детектираме.“

Таа додаде дека овие природни антибиотици можеби ќе имаат помалку несакани ефекти, бидејќи веќе се дел од човечкото тело, што би можело да го олесни нивниот развој во лекови.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното