Ова лето постигнати се рекордно високи температури ширум светот. Јули беше најтоплиот месец досега во светот, по најтоплиот јуни досега.
Просечната глобална температура на 6 јуни достигна нов врв од 17,23 Целзиусови степени. Ако таа бројка можеби не ви звучи драматично, запомнете дека ја вклучува не само температурата на северната хемисфера, каде што моментално е лето, туку и на јужната хемисфера, каде што е зима, пишува Science News Explores.
Научниците сѐ уште ги бараат сите фактори кои придонеле за историски високите температури кои ги забележавме летово. Едно е сигурно: климатските промени предизвикани од човековата активност носат голема одговорност.
Причината за овогодинешните брутални горештини веројатно лежи во океаните, велат експертите.
Океаните се загреваат со децении, најмногу поради огромната количина на стакленички гасови што луѓето ги испуштаат во атмосферата. Во април оваа година просечната температура на површината на морето во светот изнесуваше рекордни 21,1 степени Целзиусови. Потоплите океани не можат да апсорбираат толку многу топлина од атмосферата, што ја остава топлината во воздухот и доведува до повисоки летни температури.
Оваа година тој проблем дополнително се влошува со феноменот Ел Нињо. Станува збор за природниот климатски циклус кој привремено ја загрева планетата на секои неколку години.
Тоа се случува кога западните ветрови над Пацификот се особено слаби, дозволувајќи топла вода да се акумулира во источниот Пацифик, која ја поплавува студената вода од длабочините.
Резултатот е „ќебе“ со топла вода што покрива голем дел од тропскиот Пацифик и испушта топлина во атмосферата.