На денешниот „Марш на ангелите“ во Скопје, кој повторно ги обедини граѓаните во барањето правда за трагедијата во Кочани, еден од демонстрантите одржа силен и потресен говор, кој ја отслика болката, револтот и упорноста на семејствата на жртвите.
Тој порача дека овој процес мора да биде транспарентен, непристрасен и правичен, затоа што тоа е долг не само кон нивните деца, туку и кон целото општество. Потсети дека обвинителниот акт опфаќа 35 лица и три правни субјекти – меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и раководни лица поврзани со ноќниот клуб, кој тој го нарече „клубот на смртта“.
„Нема да дозволиме позицијата, влијанието или политичката моќ да станат штит за неказнивост,“ порача тој. „За нас единствено што остана на овој свет е борбата за правда – а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка. Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка.“
Демонстрантот истакна дека корупцијата е најголемото зло кое им ги одзело животите на нивните деца, нагласувајќи дека секое одолговлекување на судските постапки претставува нова рана за семејствата и уште еден удар врз довербата во институциите.
„Долготрајноста на постапките за тешки кривични дела е повреда на правото на ефикасно судење. А ние повеќе не можеме да чекаме,“ рече тој, упатувајќи апел до судиите, обвинителите и сите надлежни тела да ја исполнат својата законска и морална обврска.
„Судот мора да обезбеди јавна, ефикасна и непристрасна постапка. Да нема заштитени, да нема притисоци, да нема политички калкулации. Да владеат само вистината и одговорноста,“ додаде демонстрантот.
Говорот заврши со јасна и силна порака:
„Не бараме милост. Бараме правда. Не бараме одмазда. Бараме одговорност. Нашите деца повеќе немаат глас. Затоа ние ќе зборуваме за нив – и нема да замолчиме сè додека правдата не стигне. Зашто правдата за Кочани е правда за сите. Правда, правда, правда.“