Не е невозможно, ако сте одлучни кон целта – искачување на планина, како искачување кон НАТО

Со спортска облека и подготвени за мал предизвик, амбасадорите во нашата земја, претставници на владата и на НАТО, се упатија кон Маврово.

Се вчитува...

Ја искачија Бистра во чест на 8 Септември, Денот на независноста на државата.

Нивен домаќин беше министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска која ги повика да не се откажуваат.

Искачувањето започна со помош на професионални водачи.  За околу еден час стигнаа на местото наречено Чавкарник.

Глетката беше магична. Од другата страна се гледаа Мавровско езеро, Шар планина и врвот на Кораб.

„Вакви планински тури во чест на независноста веќе станаа традиција, но искачувањето на Бистра оваа година се совпадна со уште нешто“, истакна репортерот на ТВ21.

Ова е прва година кога Северна Македонија го прославува Денот на независноста како членка на НАТО, затоа годинешното мото е “Ние сме НАТО“.

Овде накратко се запознаа со историјата на Националниот парк Маврово и производството на сирење, нешто по што е познат овој регион.

За разлика од другите години, овој пат беше потешко, рече министерката за одбрана, бидејќи и амбициите на Северна Македонија се веќе поголеми.

Шеќеринска ја најави систематизацијата за намалување на местата во Армијата, но рече дека сите војници, офицери и подофицери ќе останат на нивните места.  Амбасадорите на двете земји сојузнички, на САД, Кејт Брнз и на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј говореа за натамошната соработка.

„Имав можност да учествувам на искачувањето и минатиот пат но ова е прв пат да учествувам откако РСМ е членка на НАТО и искрено можам да кажам “Ние сме НАТО“, ние сме заедница и заедно успеваме како што правевме во тешките години со сите предизвици кои ги имавме како НАТО семејство“, посочи Кејт Мери Брнз.

„Среќна сум што сум овде, со 30-та членка на НАТО, истражувајќи ги убавините на ова место. Беше тешка година и треба да ги прославиме работите кои можеме да ги славиме, вака го славиме членството на Северна Македонија во НАТО, го славиме фактот дека ова лето имаше можност да ја истражите земјата. Ние бевме тука на кампување пред две недели и убаво е да се вратиш овде и очекуваме сите соработки во иднина да ги правиме заедно во годината што следи“, вели Рејчел Галовеј.

Симболика на оваа планинска тура  е дека ништо не е невозможно, ништо не е високо ако тргнеш подготвен и одлучно кон целта, како што направи Северна Македонија со членството во НАТО!

.

Извор: ТВ21