„Не е тајна дека Мицкоски соработуваше со познати светски фирми од енергетиката и остваруваше високи примања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за скапите часовници на премиерот

Новата анализа на популарната Фејсбук-страница посветена на љубителите на часовници, која ги истражува додатоците на лидерите на земјите членки на НАТО, открива дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски носи рачен часовник од луксузниот бренд „IWC Portofino“.

Вредноста на овој модел се проценува на приближно 6.900 долари.

Овие податоци ја отворија дикусусијата за имотот на премиерот пријавен во Антикорупциската комисија:

Мицкоски во својот анкетен лист пријавил колекција часовници во вредност од 52.000 евра. Наведено е дека предметите се стекнати во периодот 2015-2016 година, сепак во официјалниот документ не е прецизирана бројката на часовници, ниту пак конкретните брендови кои ги поседува.

Од владејачката партија експресно реагираа на написите, нагласувајќи дека имотот на премиерот е стекнат транспарентно, долго пред неговото стапување на државна функција.

„Не е никаква тајна дека претседателот Мицкоски, пред да влезе во политиката, работеше во енергетскиот сектор со светски реномирани фирми каде што остваруваше високи примања. Со влезот во политиката, тој прекина со сите приватни бизниси,“ велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ повлекоа паралела со политичките опоненти, тврдејќи дека за разлика од нив, кај Мицкоски секој денар е „чесно и лесно проверлив“. Тие додаваат дека разликата е во тоа што тој влегол во политиката како ситуиран човек, додека функционерите од СДСМ ги обвинуваат за енормно збогатување токму преку власта.

Овој бренд е симбол на класична елеганција и швајцарска прецизност. Моделот „Portofino“ е познат по својот минималистички дизајн инспириран од медитеранскиот стил на живот во 1950-тите години.