„Не го нарушувајте редот или ќе ве отстранам“, судијката Груевска ги искара семејствата на жртвите од „Пулс“ – ги спореди со случајот „Дурмо Турс“

Поради зачестените реакции и дофрлања од јавноста на минатото рочиште, судијката Диана Груевска-Илиевска пред почетокот на денешното побара апсолутна тишина и дисциплина.

Груевска истакна дека правото на одбрана е неприкосновено и дека емоциите не смеат да го попречуваат законскиот тек на постапката.

„Неколку пати досега се случува да се наруши редот, што ни го отежнува спроведувањето на постапката по закон. Сите обвинети имаат право на бранители, тоа е законско и уставно право, и вие утре ако имате потреба од адвокат, кај овие луѓе ќе се јавите“, им порача судијката на присутните роднини.

Паралела со „Дурмо Турс“

Во обид да ги смири страстите, судијката направи споредба со друго масовно судење за голема трагедија – автобуската несреќа кај Ласкарци.

„Досега имам судено и други предмети, вклучувајќи го и случајот ’Дурмо Турс‘, каде родителите на присутните беа крајно коректни“, потенцираше Груевска, барајќи го истото ниво на достоинство и во оваа судница.

Реагираше и адвокатката на Деко која побара на следно нарушување на редот во судницата јавноста да биде исклучена.