Не сакаме да бидеме Американци, тврдат партиите од Гренланд

Политичките партии во Гренланд покажаа единство како одговор на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп за данската територија, објави ДПА.

„Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци, сакаме да бидеме Гренландци“, се вели во заедничката изјава потпишана од петте партии во локалниот парламент на Гренланд, Инацисартута.

Се вчитува...

Политичките сили ги повикаа САД да престанат со „презирниот став кон нашата земја (кон Гренланд)“ и нагласија дека „иднината на Гренланд мора да ја одлучи народот на Гренланд“.

Трамп синоќа ги потврди своите претензии кон Гренланд, велејќи дека САД мора да дејствуваат за да спречат Кина или Русија да ја преземат контролата врз стратешки важниот арктички остров.

Републиканецот постојано изјавува дека сака да го стави островот, кој ѝ припаѓа на Данска, сојузник на НАТО, под контрола на САД поради неговата „стратешка важност“ и поради, како што вели, зголеменото присуство на руски и кинески бродови во регионот.

Данската влада категорично ги отфрли тврдењата на Трамп. Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека нападот на САД врз Гренланд би значел крај на НАТО и на глобалната безбедносна архитектура воспоставена по Втората светска војна.