Редакцијата на 4NEWS.mk попладнево се обиде да ја исконтактира компанијата АСД МЕТАЛ ГРУП ДОО увоз-извоз – Шуто Оризари Скопје која стопанисува со депонијата која од утрово гори.
„Не сум расположена за изјава господине“, ни рече млад женски глас на телефонскиот број оставен од фирмата.
АСД МЕТАЛ ГРУП ДОО е основана на 29.9.2019 година и според градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш имала дозвола за работа издадена во 2019 година, но нејзината важност истекла во февруари годинава.
„Знаеме дека Министерството за животна средба им има издадено дозвола за работа во 2019 година и 2020 година и дозволата важела до февруари 2025 година. Но во ноември 2024 година до општината имаат поднесено ново барање до каде е барањето не знаеме, меѓутоа кај нас се бара само мислење за продолжување на дозвола за работа, ние тогаш дадовме позитивно мислење“, изјави Курто Дудуш.
Уште поинтересно е ако се погледне портфолиото на компанијата. Таа е регистрирана како „Товарен патен транспорт“ под шифра 49.410, што е целосно различно од основната дејност.
Минатата година имале 3,3 милиони денари приход, но годината ја завршиле со 1,3 милиони минус. Во 2025 година се соочиле и со блокада од УЈП, според јавно достапните информации.

При нашето истражување откривме дека компанијата има добиено и Сертификат за општествено одговорна компанија.

Депонијата гори од 9 часот утрово и од време на време се слушаат експлозии бидејќи има стари автомобили на кои им било вграден плински уред.