Недостигаат педијатри, а се вработуваат инженери за фармерско производство во битолската болница

Клиничката болница во Битола и понатаму ќе плаќа по 100 евра за педијатри кои ќе доаѓаат од болницата во Прилеп. Новиот оглас кој беше објавен на почетокот на јули, а вчера го промовираше и министерот за здравство, Венко Филипче не предвидува вработување на педијатри.

„Со оглед на тоа дека интересот е поголем, разгиваравме да се побараат уште дополнителни места, посебно за доктори, а до нова година, ќе определиме средства од буџетот да се вработат уште 100 луѓе, од кои најмногу доктори и медицински сестри“ изјави Венко Филипче министер за Здраство.

Огласот предвидува вработување на 80 луѓе од кои само 30 ќе бидат доктори. Интересно е тоа што иако болницата кубури со кадар, на објавениот оглас се бара дипломиран воспитувач и дипломиран инженер – насока фармерско производство.

Вработен педијатар во Битолската болница пред камерата на ТВ 21 признава дека ентериерот на болницата се средува, но кадарот кој доаѓа на детското одделение од Прилеп смета дека е противзаконски, бидејќи кога смената завршува во Прилеп тој без одмор продолжува нова смена во Битола.

https://www.facebook.com/tv21hd/videos/1304620353001499/

Доаѓаат само за еден ден. Доаѓаат да ја земат дневницата која е во износ од 100 евра.Тие тој ден го хоспитализираат детето, односно го примаат после 14 часот, бидејќи до тогаш обично има некој од нас кои што сме редовно на детско одделение и понатака и да го примат детето тие не го следат. Тие не знаат што се случува со детето, изјави педијатар вработен во битолската болница за ТВ 21.

Во телефонски разговор со директорот на болницата ни беше кажано дека проблемот со педијатри ќе биде решен до крајот на годинава.

 „Од Битолската болница велат дека тие и Министерството за здравство веќе се запознаени со овој проблем. Се надеваат дека ќе биде надминат до крајот на оваа година со нови вработувања. До тогаш недостатокот на педијатри ќе го надополнуваат доаѓајќи педијатри од Прилеп.“ информираа од Битолската болница.

Битолската болница е мета и на Специјалното јавно обвинителство. Во неколку наврати во текот на претходната власт истражители на СЈО влегле во болницата каде барале документи поврзани со тендери за набавки во болницата распишани преку Министерството за здравство.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ | ТВ 21