Скопје најавува промени во сообраќајот и јавниот превоз, но и нови мерки за справување со проблемот со отпадот. Една од најавените промени е легализирање на пешачкиот премин кај Бит-пазар, каде што наскоро треба да бидат поставени соодветна сигнализација и семафори.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на советничко прашање, информираше дека на местото на нелегалниот премин ќе биде обележан пешачки премин, а ќе бидат поставени и семафори со цел да се зголеми безбедноста на пешаците.
Во однос на јавниот превоз, Ѓорѓиевски потврди дека е потпишан договор за набавка на 100 електрични автобуси, а првите возила се очекува да пристигнат до крајот на годинава.
„Наши тимови, со тим од Министерството за транспорт, работат во Автокоманда и во Ѓорче Петров, каде што ќе бидат поставени полначите, за да не се губи време“, рече градоначалникот.
Тој најави дека во текот на наредната недела ќе биде распишан и тендерот за БРТ-системот, преку кој се планира набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси.
Ѓорѓиевски најави и дека до крајот на неговиот мандат планира дополнително да се набават автобуси со средства од Градот Скопје.
Нови камиони и илјадници контејнери
Паралелно со инвестициите во јавниот превоз, градските власти најавуваат и засилување на капацитетите за собирање отпад.
Според најавата на Ѓорѓиевски, во четврток треба да пристигнат три нови камиони за собирање отпад, а до крајот на месецов Градот Скопје очекува да добие околу 3.500 нови контејнери.
Градоначалникот посочи дека наместо првично планираните 2.000 контејнери, ќе бидат набавени меѓу 3.500 и 3.600, откако биле обезбедени по цена од нешто над 9.000 денари за парче.
Како што рече, во изминатите десетина години истите контејнери биле набавувани по значително повисоки цени – од 18.000 до 24.000 денари.
Градот ги очекува и дополнителните камиони што треба да ги обезбеди Владата. Во меѓувреме, се планира изградба на уште две претоварни станици – едната во Карпош, која би ги опслужувала Карпош и Ѓорче Петров, а другата во Гази Баба. Целта е да се намали притисокот врз постојните претоварни капацитети.
Инаку, вчерашната седница на Советот на Град Скопје ја напуштија советниците од Левица. Причина, според нив, било тоа што градоначалникот не одговарал поединечно на прашањата, туку одговорите ги дал откако сите советници ги поставиле своите прашања.