Свет

Нема изградено ниту еден авион досега, но има амбиција да создаде летало какво што светот досега не видел!

Нема изградено ниту еден авион досега, но има амбиција да создаде летало какво што светот досега не видел!

Американскиот стартап Radia, кој досега нема изградено ниту еден авион, има амбиција да создаде летало какво што светот досега не видел – WindRunner, најголемиот товарен авион во историјата. Намерата зад овој грандиозен проект е едноставна, но иновативна: да се реши проблемот со транспортот на огромни лопати за ветерници, особено за копнени ветерни фарми.

Компанијата е основана во 2016 година од серискиот претприемач и воздухопловен инженер Марк Лундстром, кој го има замислено WindRunner како алатка за „гигантска енергетска транзиција“. Додека лопати за офшор ветерници достигнуваат и до 100 метри, оние на копно се ограничени на околу 70 метри поради логистички предизвици. Лундстром верува дека, со поголеми лопати, копнените ветерни фарми ќе може да произведуваат повеќе енергија по пониска цена.

WindRunner треба да биде долг 108 метри, со распон на крилата од 80 метри и товарен простор шест пати поголем од легендарниот украински Антонов Ан-225 „Мрија“. Ќе може да носи три лопати од по 80 метри или една од 105 метри. Неговата спецификација е прилагодена да полетува и слетува на кратки, непавирани писти – идеално за руралните подрачја каде што се градат ветерници.

Иако досега Radia има тестирано само мала макета во аеротунел, компанијата собра над 150 милиони долари инвестиции и работи со партнери како Leonardo (Италија), Aernnova (Шпанија) и AFuzion (САД) за конструкција и безбедност. Уште нема објавено кој мотор ќе се користи, но најавуваат дека веќе имаат договор со производител и наскоро ќе го објават името.

Проектот сепак не е без скептици. Аналитичарите укажуваат дека Radia нема искуство во производство на авиони и се соочува со тежок процес на сертификација. Плус, конкуренцијата не мирува – Boeing размислува за враќање на производството на C-17 Globemaster.

Но Radia не се откажува. Дури и Пентагон веќе потпишал договор за да истражи како WindRunner би можел да се користи за воена логистика. Според компанијата, примарната цел останува енергетскиот сектор, но има и „многу дополнителни примени“.

Првиот лет се очекува пред крајот на деценијата. Доколку успее, WindRunner би можел да стане симбол на нова ера во транспортот, енергетиката и воздухопловството.

ФОТО: Илустрација

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни