Нема ограничувања за гориво – државата има доволни резерви

Снабдувањето со горива во земјава е стабилно, а граѓаните и бизнисите немаат причина за загриженост, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Тој информираше дека е постигнат договор со компанијата Окта за намалување на цената на дизел горивото за три денари по литар, мерка која стапува на сила веднаш.

Премиерот истакна дека нема потреба од ограничување на количините гориво што ги полнат странските државјани во пограничните региони, и покрај зголемената побарувачка.

„Имаме апсолутно доволно количини за граѓаните. Зголемен е конзумот во одредени погранични области со Албанија, Косово, Србија и Грција, за околу 10 проценти, бидејќи дел од граѓаните од соседството доаѓаат да полнат гориво кај нас, поради пониските цени“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека нафтоводот функционира без проблеми, складиштата се полни, а државните резерви обезбедуваат сигурност во снабдувањето за наредните 60 дена.

„Цевката е полна, складиштата се полни и нема потреба од никакви ограничувања. Дури и дел од аеродромите во регионот се снабдуваат со керозин од кај нас“, посочи премиерот.

Според него, и покрај предизвиците, клучно е што земјата во моментов нуди најниски цени на горивата во регионот, што претставува значајна придобивка и за граѓаните и за економијата.