Нема закон против лицата од црната листа – Мицкоски: Имаме доволно квалитетни процедури

Власта не планира да носи Закон за рестриктивни мерки против лицата од американската црна листа. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема да се усвојуваат закони спротивни на Уставот и има доволно квалитетни процедури во рамки на постоечкиот систем.

„Има нашето законодавство предвидено за овие лица тоа што треба да го предвиди.“, рече Мицкоски.

Но, од друга страна вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, во „Дејли клик“ на ТВ21, истакна дека ваков закон постои од 2007-мата година, но со коалициските партнери сега се дискутира за нови мерки кои би биле предложени пред пратениците.

„Ние сега како нова Влада сме наследиле стотици закони кои не беа усвоени во Собрание поради темпото на работата на Собранието која беше скандалозна. Сега како коалициони партнери дискутираме за отпочнување на процес на донесување на Закон за рестриктивни мерки, кои се разбира дека треба да се разгледаат, да видиме што друго може да се додаде, пред да го дадеме во собраниска процедура.“, изјави Фетаи.

Од СДСМ пак прашуваат зошто новото мнозинство е против Законот што тие го поднесоа.

„Јавноста знае дека Законот беше поднесен токму од Владата на СДСМ и не беше донесен, не заради техничката Влада, туку да потсетиме, поради ДПМНЕ кои дури и го блокираа законското решение во комисиите на Собранието кога беа во улога на опозиција.“, вели Богданка Кузеска.

Од ДУИ пак, чии функционери меѓу кои и Артан Груби и Рамиз Мерко завршија на црната листа, повикуваат да се усвои Законот. Дел од рестриктивните мерки предвидуваат по автоматизам Обвинителството да отвора случај за лицата од листата, тие повеќе да не може да извршуваат јавни функции, ниту пак нивни фирми да учествуваат на тендери.