Независниот синдикат на полицијата со шокантни обвинувања:Обвинител им рекол на полицајците дека требало да изгорат во Пулс

Под паролата „Први за осуда, последни за почит“, Независниот синдикат на полицијата денеска одржа протест, упатувајќи жестоки обвинувања кон Јавното обвинителство за, како што велат, нечовечкиот третман кон полициските службеници кои се под истрага за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Претседателот на синдикатот, Мартин Ефремов, изнесе шокантно тврдење дека обвинител им се обратил на осомничените полицајци со зборовите: „ако вие бевте невини требаше вие да изгорите во трагедијата во Кочани“.

„Тоа е нешто што ако полициски службеник го каже на граѓанин, верувајте дека ќе заглави по затвори“, изјави Ефремов.

Синдикатот нагласи дека не е против истрагата, туку бара таа да биде јавна и транспарентна, поради што побараа барем еден распит на осомничените полицајци да биде јавно објавен за да се види односот на Обвинителството кон нив.

Во знак на револт, присутните полицајци симболично ги оставија своите легитимации на земја, порачувајќи дека им е „смачено да чекаат кој следен од нив ќе биде уапсен“. Тие најавија дека од утре ќе почнат со поднесување кривични пријави против обвинители и судии.

Ефремов, исто така, го истакна и проблемот со суспендираните колеги, кои, како што рече, повеќе од шест месеци се оставени без плата и придонеси, иако дел од нив сè уште немаат ни обвинение.
„Можеби подобро ќе беше тие луѓе да ги ставеа во притвор, барем ќе имаше што да јадат и да пијат, вака се оставени сами на себе“, рече тој.

Од синдикатот порачаа дека бараат правда за сите жртви од трагедијата, вклучително и за нивниот колега Тоше Тодоровски кој загина во пожарот, и изразија поддршка за колегите кои ја преживеале несреќата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.