Николоски: Автопатот Прилеп – Битола ќе го скрати патувањето до Атина за три часа и ќе го заживее Пелагонискиот регион

Изградбата на автопатската делница Прилеп – Битола не е само локално инфраструктурно решение, туку стратешки проект кој целосно ќе ја промени економската мапа на Македонија. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, истакна дека оваа делница по 30 години чекање конечно станува реалност.

Делницата Прилеп – Битола е дел од паневропскиот Коридор 10д, кој претставува клучна алтернатива на главниот Коридор 10. Со неговото завршување, поврзаноста со јужниот сосед ќе добие сосема нова димензија.

„Овој коридор, кога ќе биде целосно завршен и од македонска и од грчка страна, ќе го скрати патувањето помеѓу Скопје и Атина за цели три часа. Наместо сегашните осум часа, ќе се патува околу пет часа. Тоа е огромна придобивка за бизнисот и трговијата, бидејќи пристаништето Пиреја станува многу поблиску и подостапно за македонското стопанство,“ нагласи Николоски.

Се вчитува...

Министерот најави дека динамиката на терен е веќе засилена и граѓаните набрзо ќе ги видат првите резултати на оваа „инфраструктурна траума“, како што тој ја нарече тридецениската стагнација во овој регион.

„Очекувам веќе следната година едната страна од овој автопат во должина од 40 километри да биде целосно завршена со нов асфалт. Целосното автопатско решение со сите клучки, натпатници и споредни патишта треба да биде готово до 2029 година. Ова значи крај за црната точка каде се случуваа бројни трагедии и почеток на модерна поврзаност за граѓаните на Прилеп и Битола,“ изјави вицепремиерот.

Дополнително, Николоски најави дека Владата работи и на идејни решенија за поврзување на делницата од Фариш до Прилеп, со што целиот потег би бил целосно автопатски поврзан со Скопје и остатокот од државата.