Политичката сцена во Македонија е во знак на стабилност на владејачката коалиција, но и на зголемен интерес од опозициските субјекти за влез во извршната власт. Ова го истакна вицепремиерот Александар Николоски во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, осврнувајќи се на најавената реконструкција на Владата и регионалните предизвици.
Николоски потенцираше дека премиерот Христијан Мицкоски веќе прави детална анализа на досегашната работа на сите ресори, што ќе биде основа за претстојната реконструкција.
„Најголем дел од оние кои се во опозиција, особено од албанскиот блок, имаат желба да се приклучат на Владата. Тоа е најдобар доказ дека работиме добро и дека политичките партии препознаваат оти преку учество во оваа структура можат да добијат поголема поддршка кај граѓаните. Сепак, ние имаме наше стратешко партнерство со ВЛЕН и ЗНАМ на кое остануваме доследни,“ изјави Николоски.

Односите со Бугарија и евроинтеграциите
Во контекст на надворешната политика, Николоски коментираше за промената на власта во Бугарија и изборот на Румен Радев за премиер. Иако е претпазлив во прогнозите за деблокада на евроинтегративниот пат, тој нагласи дека Македонија е подготвена за прагматична соработка.
„Не сакам да ги подгревам очекувањата кај јавноста, но се надевам дека новата влада во Софија ќе биде доволно прагматична. Еден позитивен пример е новиот бугарски министер за транспорт, кој како поранешен директор на нивната контрола за летање, лично ни помогна минатата година при дефект на нашите радари. Тоа се точки на соработка кои можат да ги подобрат односите меѓу двете држави,“ посочи вицепремиерот.
Дијалог со опозицијата на домашната сцена
На прашањето за жестоките критики од опозицијата на домашната сцена, Николоски одговори со повик за транспарентност и соработка за клучните државни прашања.
„Работа на опозицијата е да критикува, јас сум бил во таа позиција и не замерувам. Но, кога станува збор за стратешки проекти како Коридорот 8 и 10, ги повикувам да дојдат во Министерството и на дневна основа да ги видат податоците. Политиката не смее да биде кочница за развојот на Македонија,“ заклучи Николоски.
Вицепремиерот порача дека фокусот на Владата останува на ветените реформи и дека политичката стабилност е клучниот предуслов за реализација на сите инфраструктурни и економски цели кои се поставени за наредниот период.
