Николоски: Работиме да ја нормализираме цената на комерцијални станови на пазарот

Со намалувањето на цените на комерцијалните станови во Битола, кои ги гради државата, започнува процесот на нормализирање на цените на пазарот на недвижности. Следен чекор во оваа стратегија ќе бидат Охрид и Скопје, каде ќе се понудат пониски цени од оние што моментално се достапни на пазарот, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Ова го истакна денеска на доделувањето на социјални станови во општина Кочани.

„Во следниот период ќе работиме на реализација на комерцијални станови. Јавноста веќе е запозната со одлуката на Владата, според која комерцијалната зграда што се гради во Битола ќе биде ставена на продажба по реални цени: 1000 евра за квадратен метар станбена површина, 500 евра за квадратен метар гаражен простор и 2000 евра за квадратен метар деловен простор. Со ова сакаме да влијаеме на екстремно високите цени на недвижностите, особено во големите општини. По Битола, вакви станови ќе градиме и во Охрид, а потоа ќе следува ваков повик и во Скопје, бидејќи многу млади брачни парови не можат да си дозволат да плаќаат 2000-2500 евра за квадратен метар“, изјави Николоски.

На настанот во Кочани, вицепремиерот Николоски заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, Марјан Стефановски, беа присутни на доделувањето на социјални станови на семејствата кои ги исполнуваат условите согласно јавниот повик.

„После неколку месеци успешна работа на новиот директор на ЈП и неговиот тим, веќе ги гледаме првите резултати. Во соработка со Министерството за транспорт, завршена е процедурата за распределба на социјални станови за ранливи категории граѓани во Кочани и Велес. Овие станови им се доделуваат на семејства кои навистина имаат потреба од нив, и се надевам дека ќе им донесат сигурност и топол дом. На сите нови станари им посакувам многу убави моменти во нивните нови домови“, нагласи Николоски.

Тој додаде дека инвестицијата за социјалната зграда изнесува 72 милиони денари и дека се работи на изградба на вакви станови и во Прилеп, Македонска Каменица и Бутел, Скопје.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното