Ниската излезност може да ги остави Центар Жупа, Врапчиште, Маврово и Гостивар без градоначалник

Во најмалку четири општини во државата постои сериозна опасност да не биде избран градоначалник во првиот круг од локалните избори, не поради недостаток на гласови за некој од кандидатите, туку поради исклучително ниската излезност на гласачите. Според досегашните податоци, Центар Жупа, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Гостивар, се соочуваат со ризик да не го исполнат законскиот цензус од една третина излезени гласачи.

Според Изборниот законик, за еден кандидат да биде избран за градоначалник уште во првиот круг, потребно е да освои над 50% од гласовите, но под услов на гласање да излегле најмалку една третина (33,33%) од вкупниот број на запишани избирачи во таа општина.

Според последните податоци за излезноста, сите четири споменати општини се под овој законски праг:

  • Центар Жупа има излезност од само 21,30%.
  • Во Врапчиште на гласање излегле 24,41% од гласачите.
  • Во Маврово и Ростуше излезноста е 28,58%.
  • На граница е и Гостивар, со излезност од 32,38%.

Ова практично значи дека, дури и ако некој од кандидатите во овие општини освои убедлива победа со над 50% од гласовите, изборот нема да биде важечки доколку до крајот на денот не се исполни цензусот. Во таков случај, за избор на градоначалник во овие општини ќе мора да се одржи втор круг, во кој ќе се натпреваруваат двајцата првопласирани кандидати, а цензусот повеќе нема да важи.