„Ниту баба Ванѓа да станеше од гроб немаше да го предвиди ова“: Шабан Салиу се крсти пред обвинението – „Бог да чува!“

„Бог да чува! Ниту Баба Ванѓа да стане од гроб не можеше да го предвиди ова, а не пак јас.“

Со оваа реченица, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу, го исмеа обвинителниот акт кој го товари за „евентуална умисла“. Тој смета дека е апсурдно да се тврди дека во периодот од 2012 до 2017 година бил свесен и се согласил со настапување на трагедија што се случила во 2025 година.

Салиу пред судот истакна: „Цитирам: ’Директорите на ДЗС иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување‘. Што значи, обвинет сум дека уште во 2012 година сум знаел дека ќе се случи настанот на 16.03.2025 година.“

Освен правната одбрана, Салиу се пожали и на политички прогон. Тој директно ги прозва пратеникот Димитар Апасиев и Анкетната комисија. „Пример за притисокот е вчерашната седница на Анкетната комисија, каде се злоупотреби моето име дека јас сум доаѓал со службена кола. Тоа го зборува некоја Петрушева и Апасиев. Срамота е вака мене да ме обвинуваат, а јас не сум виновен,“ рече револтирано Салиу

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ШАБАН САЛИУ?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Шабан Салиу (64), директор на ДЗС од 2008 до 2017 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Иако тој тврди дека не можел да ја предвиди иднината, Обвинителството го товари за конкретни пропусти во минатото кои довеле до системска негрижа:

  • Неназначување инспектор: Во критичниот период не донел одлука за распоредување на инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани, со што објектите во тој регион останале без надзор .
  • Неспроведување закон: Не презел мерки за планирање и организирање на заштита од пожари и експлозии.
  • Игнорирање на ризикот: Иако знаел дека во Кочани нема инспектор, дозволил годишните планови за надзор да бидат само „на хартија“, без реална контрола на терен .