Иницијативата „Кој е следен?“ упати јавен повик до граѓаните да се приклучат на 32. „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи на 6 декември 2025 година (сабота), со почеток во 14:05 часот, од Паркот на револуцијата во Кочани.
Организаторите истакнуваат дека маршот се одржува паралелно со тековниот судски процес, со цел да се потсети на важноста од правично и транспарентно судење. Тие ги повикуваат сите граѓани кои веруваат во човечноста и правдата да чекорат „со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние што повеќе не можат да чекорат“.
Од иницијативата нагласуваат дека овој собир не е протест, туку мирен марш, чија цел е да се потсети дека зад секој „број“ стои вистински човек – име, живот, семејство и неизмерна болка.
„Нашата порака е едноставна, но длабока: За нашите деца. За вистинска правда. За Македонија со совест“, порачуваат од „Кој е следен?“, додавајќи дека е важно општеството да покаже дека не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината.