„Сакаме да живееме тука!“ е пораката која ќе ја носат учесниците на протестниот марш што ќе се одржи во недела, 16 февруари, со почеток во 17 часот пред Владата. Протестот е организиран од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“, која произлезе од протестот за правдата на 22-годишната Фросина Кулакова, која беше смртно прегазена на булеварот „Партизански Одреди“ во Скопје на крајот од јануари.
„Овој протест е повик за будење на граѓанската свест и моќ. Системот што треба да нè заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува неговата нефункционалност која ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да ги направи вистинските промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции. Секој еден изгубен живот е нов потсетник дека не смееме да молчиме! Не смееме да тонеме во апатија, чувствувајќи се немоќни да промениме нешто самите за да тргнат работите на подобро – заедно можеме да смениме сѐ. Дојди и приклучи се“, се посочува во најавата за протестот.
Иницијативата „Кој е следен?“ веќе организираше два форуми, еден во Студентскиот културен центар и еден на раскрсницата кај Зоолошката градина, на кои се дискутираше за неказнивоста и безбедноста на улиците и градовите. Од иницијативата истакнуваат дека со поддршка на граѓаните и стручната јавност, подготвиле конкретни мерки и барања до институциите, кои ќе помогнат за создавање на поправеден, пофункционален и побезбеден систем.
„Овој протест е нашата шанса да ги адресираме нашите барања како приоритети за унапредување на системот кој зависи од нас самите. Безбедни улици и градови. Неселективен правичен систем. Едуцирана младина со морален компас во вистинската насока. Време е заедно да го побараме она што ни следува како граѓани на оваа држава – за оние кои ги загубивме, за нас и за сите што доаѓаат по нас“, велат од „Кој е следен?“.
Протестниот марш во недела е трет по ред и следува по два претходни масовни протести што се одржаа во Скопје.