Основното јавно обвинителство Скопје ја прошири истрагата за големиот синџир за криумчарење луксузни автомобили, поведувајќи постапка против уште три лица за „Криумчарење“ и „Фалсификување исправи“, како и против двајца службеници од управните служби на МВР за „Фалсификување службена исправа“. За тројцата осомничени за криумчарење, Обвинителството побара од судот да им одреди мерка притвор.
Осомничените се дел од претходно разоткриена криминална шема за увоз на скапи возила од странство со фалсификувани документи, за која дел од учесниците веќе се осудени или обвинети.
Според Обвинителството, новите докази обезбедени во вчерашната акција покажуваат дека:
- Првиот осомничен, во март 2022 година, организирал криумчарење на автомобил „Тојота ЦХР“ вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага, користејќи лажни таблички и исправи за да го регистрира во земјава.
- Втората осомничена, во август 2021 година, поттикнала криумчарење на „Лексус НХ300Х“ вреден 15.000 евра, кој исто така бил баран на меѓународно ниво, по што со лажни документи извадила сообраќајна дозвола.
- Третиот осомничен, како управител на фирма, на сличен начин внел „Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок“ вреден 17.340 евра, кој имал преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи го регистрирал возилото.
Клучен дел од шемата, според истрагата, биле двајцата службеници во управните служби на МВР, кои се сомничат дека ги изготвиле и издале нелегалните сообраќајни дозволи, овозможувајќи легализација на украдените возила.
За еден од осомничените за криумчарење, кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена мерка притвор која ќе стапи на сила по неговото пронаоѓање и апсење.