Македонија

Нови детали за убиството во Скопје: Ја задавил сопругата, па тврдел дека му се појавила на сон за да го најде телото

Нови детали за убиството во Скопје: Ја задавил сопругата, па тврдел дека му се појавила на сон за да го најде телото

Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен маж, за кој постои основано сомнение дека извршил кривично дело убиство, согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

Според наводите од обвинителството, на 25 јуни, во атарот на селото Летевци, за време на семејно насилство, осомничениот со умисла ја лишил од живот својата сопруга. Претходно, вечерта ја земал со автомобил од нејзиното работно место и ја однел на тешко пристапен терен, каде физички ја нападнал.

Осомничениот силно ја притиснал на вратот со дел од своето тело, а истовремено и ги држел затворени устата и носот, спречувајќи ја да дише. Иако жртвата пружала отпор, не успеала да се оттргне, по што се задушила и починала на лице место.

Потоа, осомничениот го сокрил телото под гранки меѓу дрвја, а утредента во полиција пријавил дека сопругата му е исчезната. На 27 јуни, на тројца свои познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената, наведувајќи дека му се појавила во сон и му кажала каде да оди за да ја спаси. Заедно со нив се упатил кон локацијата, каде го забележале телото и веднаш го пријавиле случајот во полиција.

Јавниот обвинител оцени дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци, како и оправдан страв дека би можел да стори ново кривично дело. Притоа, беа земени предвид видот и тежината на делото и начинот на негово извршување, што опфаќа претходно планирање, како и период по настанот во кој осомничениот го прикривал телото на оштетената, создавајќи привид на загрижен сопруг кој активно учествува во потрагата и настојува да си обезбеди алиби.

Поради наведените причини, до судијата за претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје е поднесен предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни