Нови инциденти во Данска – втора ноќ по ред, беспилотни летала прелетуваат над воените бази

Данските вооружени сили соопштија дека синоќа повторно забележале присуство на дронови над нивните објекти, известува данската јавна телевизија TV2.

Во кратко соопштение се наведува дека поради тоа биле „ангажирани дополнителни капацитети“, но не е прецизирано на кои локации се видени дроновите ниту за колку летала станува збор. TV2 контактирала со данските вооружени сили, но тие не сакале дополнително да ги појаснат овие инциденти.

Дронови втор ден по ред над воени бази

Станува збор за втор ден по ред дронови да се видени над воените бази во Данска. Полицијата вчера потврди дека во петок навечер неодредени летала прелетале над воениот аеродром Каруп Ер Стешн, а одбранбените сили подоцна потврдија дека дроновите биле забележани на повеќе нивни локации.

Порано оваа недела пријавени се слични инциденти кај други воени објекти, вклучувајќи ја воздушната база Скридструп и воената касарна во Холстебро.

„Ова изгледа како систематска акција“

Според извештајот на воениот дописник на TV2, Андерс Ломхолт, инцидентите со дронови над данските воени области во последните денови потсетуваат на „систематска акција“.

„Оваа акција веројатно е осмислена за да ја разголе данската одбрана и да покаже дека не можеме да се спротивставиме на заканите“, рече Ломхолт. Додаде дека тоа е „една од најотровните работи за вооружените сили“ кои ја сметаат својата моќ за одвраќање како клучна.

„Нема многу одвраќање кога дозволувате дронови да летаат над нашите најчувствителни области во Данска“, истакна тој.

НАТО германска фрегата стигна во Копенхаген

Пред самитот на шефови на држави и влади што ќе се одржи во Копенхаген од утре до 2 октомври, НАТО во данската престолнина испрати германски воен брод FGS Hamburg за да го засили надзорот во Балтичкото Море, потврди за TV2 командантот Арло Абрахамсон, портпарол на НАТО Поморското командување (MARCOM).

„Присуството на FGS Hamburg близу Данска испраќа јасен сигнал за безбедност и единство на Сојузот“, рече Абрахамсон. Бродот денес влегол во Копенхаген и ќе остане во и околу данската престолнина за време на одржувањето на самитот.

Забрана за летање цивилни дронови

Данскиот министер за транспорт, Томас Даниелсен, изјави за TV2 дека воздушниот простор над цела Данска од понеделник до петок следната недела ќе биде затворен за цивилни дронови.

Ова се презема во рамките на одржувањето на два европски самити во Копенхаген со лидери од цела Европа. „На овој начин ја отстрануваме опасноста непријателските дронови да се заменат со легални и обратно“, рече Даниелсен во соопштението.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.