Украинските власти потврдија дека продолжуваат нападите со беспилотни летала на територијата на земјата, при што има повредени и сериозна материјална штета врз станбени и деловни објекти во Киев и други региони. Војната во Украина беше во фокусот и на дипломатскиот форум во Анталија, одржан под покровителство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, истакна дека Киев сака крај на војната уште годинава, но дека одговорноста е сега на Москва.
„Сакаме праведен, сеопфатен, долготраен мир и ни треба поддршка од земји како Турција“, рече Сибиха.
Рускиот министер Сергеј Лавров пак, ја нападна западната реторика и ги нарече нејасни идеите за испраќање мировници, алудирајќи дека токму САД и ЕУ сакаат да го задржат сегашниот украински режим.
„Лидерите од Брисел зборуваат за суверенитет, но не и за територијален интегритет. Што значи тоа?“, праша Лавров.
Изјавата на Кит Келог, пратеникот на Доналд Трамп за Украина, дека наводно предложил поделба на Украина по моделот на Берлин, дополнително ја подгреа реториката. Иако Келог демантираше, Лавров ја искористи за нова критика кон западните планови.
Од друга страна, дипломатските напори не стивнуваат. Специјалниот пратеник на Трамп, Виткоф, се сретна со рускиот претседател Путин во Санкт Петербург, а од Кремљ велат дека разговорот траел повеќе од четири часа и бил фокусиран на условите за можен мировен договор.
Полскиот амбасадор во Турција, Мациеј Ланг, пак, предупреди дека мора да се има предвид и „хибриден мир“, како следна фаза по хибридната војна.
На форумот присуствуваа 450 делегации од 140 земји, меѓу кои и 20 на ниво на шефови на држави и влади. Македонија беше претставена од министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.