Македонија

Нови правила за боледувањата: Матичните лекари би можеле да одобруваат до пет дена

Нови правила за боледувањата: Матичните лекари би можеле да одобруваат до пет дена

Предложените измени на правилата за користење боледување предизвикаа реакции во јавноста, особено по најавите за скратување на периодот за кој матичниот лекар може да одобри боледување и за засилени контроли кај пациентите. Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека целта не е да им се отежни на граѓаните, туку да се спречат злоупотребите на системот.

Клековски посочува дека има случаи во кои лица што користат боледување објавуваат фотографии од одмор во странство, како и ситуации во кои лица отвориле боледување, а во исто време работат друга работа.

„Има ситуации во кои луѓе што се на боледување на Инстаграм објавуваат фотографии од одмор во Италија. Имаме и примери, каде што луѓе што се на боледување, а работат друга работа“, рече Клековски.

Во однос на предложеното намалување на периодот за кој матичниот лекар може да отвори боледување, од седум на пет дена, министерот вели дека тоа не треба да се смета за казна за граѓаните. Според него, постои зголемување на бројот на боледувања, особено на оние што се издаваат преку телефон.

Клековски, сепак, смета дека треба да се олеснат административните процедури за пациентите со трајни и непроменливи дијагнози, меѓу кои ги посочи онколошките, автоимуните и потешките заболувања.

„Треба да ја релаксираме администрацијата, каде што е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а малку повеќе да го оневозможиме земањето боледување за спојување празници, за одење на годишен одмор кога сакаме да одиме“, додаде министерот.

Во однос на контролата на движењето на лицата кои користат боледување, Клековски вели дека ова прашање треба да биде дополнително уредено со закон, бидејќи во моментов не е прецизно регулирано со постојните решенија.

Тој посочи дека контролорите на Фондот за здравствено осигурување имаат право да вршат контроли, вклучително и да проверуваат каде се наоѓа пациентот кој користи боледување.

Според Клековски, предложените измени на Правилникот за боледување се подготвени врз основа на компаративни анализи. Тој додаде дека Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување се отворени за разговор за сите дилеми поврзани со новите решенија.

Од друга страна, од политичката партија Левица бараат правилата за боледување да бидат уредени со закон, а не преку правилник на Фондот за здравствено осигурување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни