Македонија

Нови правила за горивата во Македонија: Воведени построги стандарди за квалитет

Нови правила за горивата во Македонија: Воведени построги стандарди за квалитет

По речиси две децении, Македонија добива нови правила за квалитетот на течните горива. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека стапи во сила новата Уредба за квалитет на течните горива, со која се воведуваат современи стандарди, поголема контрола и поголема заштита за потрошувачите.

Новата регулатива ги заменува досегашните правила што беа во примена речиси 19 години и утврдува јасни критериуми за тоа какви течни горива можат да се продаваат на домашниот пазар, како ќе се проверува нивниот квалитет и како ќе се следи почитувањето на стандардите.

Од Министерството велат дека за граѓаните ова значи поголема сигурност дека горивата што ги користат ги исполнуваат пропишаните стандарди, додека за компаниите се создаваат еднакви услови за работа и поуреден пазар.

Уредбата е донесена согласно новиот Закон за енергетика и детално ги регулира видовите и карактеристиките на течните горива, начинот на утврдување и следење на квалитетот, како и обврските на сите учесници во секторот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт.

Со новите правила се очекува да се намали можноста за злоупотреби и нелојална конкуренција, а компаниите што работат според законските прописи да добијат постабилно и попредвидливо деловно опкружување.

Дополнително, примената на повисоки стандарди за квалитет на горивата треба да придонесе и за намалување на штетните емисии и подобрување на состојбата со животната средина.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оцени дека новата Уредба претставува важен чекор во модернизацијата на енергетскиот сектор.

„По речиси 19 години ја заменуваме застарената регулатива со нова Уредба која носи јасни правила и стандарди. Целта е граѓаните да имаат поголема сигурност во квалитетот на горивата, компаниите што работат законски да бидат заштитени од нелојална конкуренција, а пазарот да функционира според еднакви правила“, изјави Божиновска.

Од Министерството додаваат дека со новата регулатива продолжува процесот на усогласување на енергетскиот сектор со современи стандарди и воспоставување потранспарентен и поконкурентен пазар на течни горива.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни