Во придружба на адвокат, пратеничката Фросина Ременски се пријави во Кривичниот суд, откако вчера Рускоска и неа ја осомничи во новото продолжение на „Рекет“. Кога го напушташе судот сакаше да ги избегне медиумите.
Новинар: Ќе може кратка изјава?
Ременски: Не може сега.
Новинар: Како стигнавте до оваа позиција?
Па потоа се премисли и застана пред камерите.
„Сакам да направите разграничување помеѓу случајот „Рекет“ воден против тројцата осомничени за кои денеска ЈО најавува обвинение. И проширување на истрага во однос на Меѓународен сојуз. Побарани се мерки против мене и очекуваме одлука. Не чувствувам вина. Обвинителството имаше само еден доказ пред судот во делот на аргументацијата, јас ќе чекам обвинителството да го докаже тоа што ми го става на товар“, рече Ременски.
Миле Јовановски, таткото на Бојан Јовановски во новата истрага за измама поврзана со „Меѓународен сојуз“, изјави дека не чувствува вина.
„Не се чувствувам виновен и не сум учествувал на состаноци за изградба на домови како дел од Меѓународниот сојуз“, рече Миле Јовановски.
Во Судот денеска треба да се јават уште неколку лица осомничени во проширената постапка за овој случај. Обвинителката Вилма Рускоска, која е надлежна за овој случај, синоќа изјави дека кај тројцата осомничени во проширената истрага е определен налог за претрес.
-Да, има налог за претрес кај три лица-вели Рускоска.
Во „Рекет“ првоосомничен e Боки 13 за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески-Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третоосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување. Јовановски и Јанева се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски е во домашен притвор.
