Во австриските алпски региони започнува најпрометниот период од годината: зимската сезона е пред врата, а скијачките центри се подготвуваат за прилив на туристи од целиот свет, пишува „Heute.at“.
Но, додека подготовките се во полн ек, многу хотели и угостители се во голем проблем бидејќи не можат да најдат персонал за врвот на сезоната. Според австриските медиуми, во моментов постои вистинска борба за секој вработен во секторот, а особено е тешко да се најдат сезонски работници во Австрија.
„Дури и пред короната, не беше лесно да се најде квалификуван персонал од Австрија, но сега е уште потешко“, објаснува сопственик на хотел во тиролскиот град Флис во интервју за весникот „Хојте“. Тој додава дека многу келнери ја смениле својата професија за време на пандемијата.
Поради недостатокот на домашна работна сила, тој вели дека нема друг избор освен да бара келнери во странство преку Австриската служба за вработување (AMS).
Огласот е за работа со полно работно време за сезоната која трае од 18 декември 2025 година до 6 април 2026 година.
Условите за работа се: соодветно познавање на германскиот јазик, независност и посветеност во работата, љубезност и пожелно работно искуство во послужување храна и пијалоци.
Минималната плата што се нуди е 2.200 евра бруто месечно, со можност за зголемување, како и бесплатно сместување и оброци.
И покрај овие услови, хотелиерот вели дека иако неколку кандидати аплицирале за работата, засега немало сериозни понуди.
„За жал, досега стигнаа само апликации од Мароко, но и тие се нецелосни“, се заклучува во написот на австрискиот портал.