Nvidia: Градиме инфраструктура за вештачка интелигенција во Европа, првата ќе биде наменета за индустријата

ДОЈЧЕ Телеком и американскиот производител на чипови „Нвидија“ денес објавија дека ќе ги здружат силите за да го изградат првиот центар за податоци за вештачка интелигенција (ВИ) од индустриски квалитет во Германија. Центарот за податоци ќе започне со работа најдоцна следната година и ќе им овозможи на европските индустриски лидери да ги забрзаат производствените процеси, вклучувајќи дизајн, инженерство, симулација, градење дигитални модели и роботика, соопштија двете компании.

„Ќе ја изградиме првата инфраструктура за ВИ од индустриски квалитет во Европа, овозможувајќи им на водечките европски индустриски компании да го подобрат производството управувано од ВИ“, изјави извршниот директор на „Нвидија“, Јенсен Хуанг. „Нвидија“ ќе обезбеди 10.000 чипови за центарот, додека „Дојче Телеком“ ќе ја обезбеди инфраструктурата. Телекомуникацискиот гигант ќе биде одговорен за центрите за податоци, операциите, продажбата, безбедноста и решенијата за ВИ, соопштија компаниите.

„Европскиот технолошки развој бара спринт, а не прошетка“

„Европскиот технолошки развој бара спринт, а не прошетка. Мораме веднаш да ја искористиме можноста што ја нуди вештачката интелигенција, фундаментално да ја промениме индустријата и да обезбедиме водечка позиција меѓу глобалните технолошки конкуренти“, нагласи извршниот директор на „Дојче Телеком“, Тимотеус Хотгес.

Изградбата на центарот во Германија ја најави извршниот директор на Nvidia претходно оваа недела, а денес се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Инвестициите во стратешка инфраструктура за вештачка интелигенција се клучни за иновативната сила на нашата земја“

„Инвестициите во стратешка инфраструктура за вештачка интелигенција се клучни за иновативната сила на нашата земја“, рече Мерц по состанокот, додавајќи дека соработката помеѓу Дојче Телеком и Nvidia може да биде важен чекор за дигиталниот суверенитет на Германија и иднината на германската економија.

Услугите на центарот за податоци за вештачка интелигенција ќе ги користи, меѓу другото, германската компанија NEURA Robotics, која е специјализирана за когнитивна роботика, забележува Nvidia.

Програмата ќе го олесни следниот чекор на Германија во развојот на суверена инфраструктура за вештачка интелигенција, изградба на гигафабрика за вештачка интелигенција од 100.000 чипови, со поддршка од Европската Унија, владата во Берлин и партнерите, се вели во соопштението на Nvidia.