Екс претседателот на САД, Барак Обама ги измени своите планови за најавената голема роденденска забава.
Измените се поради зголемувањето на нови случаи со коронавирус во земјата, објави Би-би-си.
Обама пред 2 дена наполни 60 години и по тој повод, викендов испланира голема прослава на островот Мартас Вајнјард во Масачусетс. Сепак, новите случаи со ковид-19 го натераа Обама да го намали бројот на гости.
Така, според наводите, само блиските пријатели и семејството ќе дојдат на прославата.
Неговиот портпарол вели дека настанот на отворено во сабота бил планиран неколку месеци порано, според упатствата од службите за јавно здравје. Но, кога бројот заразени почна да расте, почнаа да се појавуваат и критики за плановите на Обама, па тој и неговата сопруга Мишел Обама сега одлучија да го намалат обемот на самиот настан.
Медиумите известуваат дека стотици луѓе биле поканети, меѓу кои и глумецот Џорџ Клуни, режисерот Стивен Спилберг и водителката Опра Винфри.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека маските во затворени простории повторно треба да ги носат и вакцинираните и невакцинираните луѓе. Според наводите, претседателот Џо Бајден, кој беше потпретседател за време на мандатот на Обама, одлучил да не дојде на забавата.
