Објавена листата на најмоќни пасоши – македонскиот пасош со „силен ветер во грбот“

Претходно неделава, Сингапур ја задржа својата позиција како сопственик на најмоќниот пасош во светот, овозможувајќи пристап до 192 дестинации без виза.

На спротивниот крај од спектарот, Авганистан повторно е рангиран на последното место, со пасош кој им овозможува на граѓаните да патуваат во само 24 дестинации без претходно обезбедена виза.

Рангирањето е објавено во најновиот „Henley Passport Index“ за 2026 година, кој ги наведува сите светски пасоши според бројот на дестинации до кои нивните сопственици имаат пристап без виза.

„Се очекува рекорден број луѓе да патуваат во 2026 година. Несомнените економски и социјални придобивки од овие патувања растат како што тие стануваат подостапни. Но, додека повеќе луѓе ја имаат економската слобода да патуваат, многу националности согледуваат дека само пасошот веќе не е доволен за преминување на границите“, изјави генералниот директор на ИАТА (IATA), Вили Волш.

ИАТА предвидува дека авиокомпаниите ќе превезат повеќе од 5,2 милијарди патници на глобално ниво во текот на оваа година.

Обединетите Арапски Емирати – лидер во напредокот

ОАЕ се издвојуваат како земја со најдобар перформанс на индексот во последните 20 години. Од 2006 година, оваа држава додаде 149 дестинации без визи и се искачи за 57 места, позиционирајќи се на 5-то место со пристап до 184 дестинации. Овој успех се должи на континуираниот дипломатски ангажман и визната либерализација.

Земјите од Западен Балкан и Источна Европа исто така бележат значителен напредок во изминатите две децении. Албанија се искачи за 36 места и сега е на 43-та позиција.

Украина напредуваше за 34 места (на 30-то место), а следат Србија (+30 места, на 34-то место) и Северна Македонија, која со напредок од 27 места сега се наоѓа на 38-та позиција.

Босна и Херцеговина (+29) и Грузија (+26) го делат 42-то место.

Боливија е единствената земја која забележа пад во последните 20 години, губејќи пет визни олеснувања и паѓајќи за 32 места на 61-та позиција.

Во последната деценија, Косово бележи најголем скок од 38 места (од 97-то на 59-то место од 2016 година). Забележителен напредок има и Кина, која се искачи за 28 позиции и сега нејзините граѓани можат без виза да посетат 141 земја.

Најслабите пасоши во светот

На самото дно на листата се наоѓа Авганистан на 101-то место со само 24 поени. Една позиција погоре е Сирија (100-то место) со 26 дестинации, а малку подобар е Ирак (99-то) со 29 дестинации. Пакистан и Јемен го делат 98-то место со пристап до 31 земја без виза.

Повисоко на листата се рангирани:

  • Сомалија (97-мо место, 33 дестинации)
  • Непал (96-то место, 35 дестинации)
  • Бангладеш (95-то место, 37 дестинации)
  • Еритреја, Северна Кореја и Палестинските територии го делат 94-то место (38 дестинации).
  • Либија и Шри Ланка се на 93-то место (39 дестинации).
  • На 92-та позиција е Иран, чии граѓани можат без виза да патуваат во 40 земји.