Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана и нивната шестгодишна ќерка Катја, како и за долгогодишно сурово малтретирање.
Наместо каење, првиот ден од судењето го обележа недоличното однесување на Јовановски, јавува СДК.МК.
Додека обвинителката ги читаше највулгарните навреди и закани кои тој ѝ ги упатувал на Ивана додека таа губела свест од неговите удари, обвинетиот постојано се смееше и одмавнуваше со главата.
Дури во моментот кога беа опишани смртоносните повреди на мајката и детето по падот од шестиот кат врз бетонот, тој го наведна ликот на клупата, прикривајќи го лицето.
Обвинението открива морничава шема на психофизичка тортура која траела со години.
- Во 2022 година, Јовановски ја убедил сопругата со договор за дар да му го препише нејзиниот дел од станот. Штом станал сопственик, малтретирањето прераснало во сурово и нечовечко постапување.
Поради својството на сведок, мајката на починатата Ивана, Љубица Стојановска, мораше да ја напушти судницата пред воведните зборови.
Забележливо беше дека за разлика од други случаи со притвореници, во публиката немаше ниту еден член од семејството на обвинетиот Јовановски.
Извор: СДК.МК