Снимката за која шефот на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи тврди дека ја добил од „свиркач“, а потоа преку национална телевизија ја споделил со јавноста, предизвика бројни реакции, пред се од новинарските здруженија. На таа снимка, вели Хајрулахи едно женско лице дава папка со извештајот за работата на Вишото обвинителство на новинарка, која потоа го објавила во својот печатен медиум. Проблемот е во тоа што, овој извештај тие како обвинителство се уште го немаат добиено, вели тој. На прашањето зошто излегол во јавноста со видеото, Хајрулахи за ТВ21 изјави:
„Од Јавното обвинителство преку близок член од семејствто на еден високо позициониран јавен обвинител, се изнесуваат информации до јавноста преку одреден новинар. Значи во конкретниот случај не спомнав ниту име, ниту презиме на изворот, ниту пак име и презиме на новинарот или печатениот медиум. Целта ми беше да се информира јавноста, за жал, за лошите појави во обвинителството, дека преку свои блиски роднини изнесуваат информации што не треба да бидат изнесени на таков начин до јавноста. Јас не сум против тоа, јавноста да биде запознаена, далеку од тоа.“, рече Мустафа Хајрулахи, од Вишото јавно обвинителство.
Шефот на Вишото обвинителство, вели не знаел кои се лицата на снимката, се додека не му било кажано од свиркач, а му станало јасно дека се работи за извештајот, откако тој бил објавен од страна на новинарката.
„Јас со тоа што излегов и обзнанив дека свиркач ми достави материјали, каде што јасно се гледа дека едниот женски лик на другиот женски лик дава папка, од која што подоцна се објавуваат информации во дневниот печат што се издаде во последната недела, не гледам дека во целиот настан јас на било кој начин изнесов информации за нечии лични податоци.“, рече Хајрулахи.
Хајрулахи вели дека нема да ја однесе снимката во Јавното обвинителство, од нему познати причини, туку само ќе ги процесуира до Министерството за внатрешни работи од кое очекува да покрене постапка.
Од друга страна, пак, според информациите, ОЈО веќе постапува за случајот со снимката. Новинарката на Слободен Печат, Мирослава Симоновска, која самата преку социјалните мрежи се огласи и откри дека е таа на снимките, поднела кривична пријава против Н.Н лице за тајно снимање. Сепак, таа тврди дека лицето со кое седела е нејзина другарка, и не го добила извештајот како што тврди Хајрулахи.
„На ова видео има дел од снимка снимена во кафичот Пјаца де торос во ГТЦ на кеј, каде седев со другарка. Лицето кое ги прима материјалите во видеото сум јас. Материјалите, наспроти изнесеното во прилогот не се извештајот од спроведената контрола во Вишото јавно обвинителство. Извештајот го немам“, објави Мирослава Симоновска, новинарка во Слободен печат.
Од друга страна, пак, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изразија сериозна загриженост поради, како што нагласуваат, последното прекршување на основните права на новинарката Мирослава Симоновска, поради неовластеното снимање и дистрибуција на видео на кое таа наводно прима документ.
Инаку, Хајрулахи во изминатиот период беше актуелен откако јавно го обвини шефот на Републичкото јавно обвинителство Љупчо Коцевски за директен притисок врз него, за предметот за бонусите на поранешното СЈО. Коцевски од друга страна категорично демантираше дека вршел притисок.

