Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп вечерва изврши увид на лице место на тешка сообраќајна несреќа што се случи во близина на Плетвар, на патниот правец Прилеп – Росоман.
Според првичните сознанија, до трагедијата дошло при претекнување и судар на два автомобили кои се движеле во иста насока.
Во несреќата, животот го загубија две лица, меѓу кои и возачот на едниот автомобил. Пет други лица се здобиле со повреди.
Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на сите траги од лице место, а ќе биде наредено и вонредно сообраќајно и машинско вештачење на автомобилите вклучени во несреќата.
Исто така, издадена е наредба за обдукција врз телата на починатите, додека кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол и други супстанции во крвта.
Од Обвинителството соопштуваат дека се преземаат сите неопходни дејствија за целосно утврдување на причините за несреќата.