Македонија

Од 10 април построги гранични проверки за патување во ЕУ: Што треба да знаете

Од 10 април построги гранични проверки за патување во ЕУ: Што треба да знаете

Граѓаните кои планираат патување во Грција или во земјите од Европската Унија од 10 април треба да бидат подготвени за построги гранични контроли. Станува збор за целосна примена на новиот систем Entry/Exit System (EES), кој носи значајни промени во начинот на евиденција при влез и излез од ЕУ.

Со воведувањето на овој систем, класичниот печат во пасош постепено се заменува со електронска регистрација. На граничните премини, патниците може да бидат прашани за целта на патувањето, времетраењето на престојот, како и за местото каде што ќе престојуваат.

Во пракса, тоа значи дека при влез во ЕУ може да ви бидат побарани документи и информации како пасош, потврда за резервација или адреса на сместување, како и податоци за планираниот престој. Во одредени случаи, можно е да се побара и фотографија или отпечатоци од прсти.

Овие правила важат за сите видови патувања – од кратки еднодневни посети и викенд-шопинг, до подолги туристички престои. Надлежните препорачуваат граѓаните да даваат јасни и прецизни одговори за целта на патувањето, како на пример „еднодневно патување“, „шопинг“, „туристички престој“ или „враќање истиот ден“.

За оние кои патуваат на повеќе денови, се препорачува да имаат при рака резервација за сместување, точна адреса каде ќе престојуваат, како и повратен билет или јасен план за целиот престој во земјите од Европската Унија.

Со воведувањето на системот EES, ЕУ има за цел да ја зголеми безбедноста и подобро да го следи движењето на патниците, што значи дека импровизацијата на граница ќе стане значително потешка.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни