Да се биде гласноговорник на најголемата и најорганизираната политичка партија во Македонија е огромна одговорност, но и чест. Вака Валентин Манасиевски ја опишува својата актуелна функција како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, позиција која ја гледа како природен тек на неговиот долгогодишен политички ангажман.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, тој сподели детали за својот приватен живот и мотивите да влезе во политичките води на многу рана возраст. На само 28 години, Манасиевски веќе зад себе има сериозен партиски стаж, но и изградено семејство како сопруг и татко.
„Татко сум на прекрасна ќерка, која ми дава мотив повеќе да работам, да се вклучам во политиката и да направам нешто подобро за секој еден човек во нашето општество“, искрен е Манасиевски.
Тој открива дека привлечноста кон политиката датира уште од неговите тинејџерски денови, што донекаде е поврзано и со неговите семејни корени.
„Уште од младите години ме влечеше политиката. Моите родители, баба и дедо, имаат традиционални ‘вмровски’ корени. Сметам дека тоа одигра голема улога во моето насочување“, вели тој.
Неговиот пат во партијата започнува на 15-16 години во Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ. Низ годините, тој ги поминал сите скалила – бил член на Извршниот комитет на УМС, а подоцна и организационен секретар на младината.
Денес, од позиција на партиски портпарол, Манасиевски истакнува дека за него претставува вистинско задоволство да ги претставува политиките во кои и самиот искрено верува и ги дели истите видувања за иднината на државата.