Од утре почнува откупот на тутунот од реколта 2025

Прилепскиот Тутунски комбинат утре официјално ги отвора откупните пунктови за тутунарите, со што започнува откупната кампања за реколтата 2025 година. Според планот, ќе бидат преземени околу 2.300 тони тутун.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска оствари работна средба со директорот на комбинатот, Александар Алексовски, на која детално се разговараше за текот на подготовките и стартот на откупот.

„Знаете, се наоѓаме на почетокот на откупната сезона на тутун од реколта 2025 година. Согласно процедурите, мострите во текот на денешниот ден ќе бидат подигнати, што значи дека од утре може да се почне со откуп на тутун“, изјави министерот Трипуновски во Прилеп.

Директорот Алексовски информираше дека сите пријавени пунктови се подготвени и дека утре започнува откупот, кој ќе се одвива во согласност со законските рокови.

Трипуновски посочи дека годинава тутунот е со исклучително добар квалитет, продолжувајќи ја долгогодишната традиција на висококвалитетно производство.

„Минатата година постигнавме сериозен успех. Имаме околу 11% зголемени површини од пријавени земјоделски стопанства во делот на одгледувачи на тутун. Тоа значи дека го враќаме овој стратешки производ на пиедесталот“, нагласи министерот.

Тој додаде дека Министерството внимателно ќе го следи целиот процес преку Државниот инспекторат за земјоделство, кој е надлежен за контролата на откупот на земјоделските производи.

Министерот Трипуновски изрази надеж дека оваа година ќе следи уште поуспешна откупна сезона за македонските тутунари.