Од утре предавање на нелегалното оружје без последици за граѓаните на Србија

По двете трагедии во Србија во кои за само два дена загинаа 17 лица, главно деца и млади, државата организира уште една кампања за предавање на нелегалното оружје.

Оние кои ќе го предадат нема да сносат никакви последици, соопшти полицијата во недела на 7 мај.

Полициското соопштение за предавање на нелегалното оружје е дел од претходно најавените државни мерки за заострување на условите за поседување и чување оружје, како и поригорозни кривични казни.

Одлуките уследија по две масовни убиства на територијата на Белград.

Прво, 13-годишник уби девет и рани седуммина во училиште во Белград, а само еден ден подоцна, 21-годишник беше уапсен под сомнение дека убил осум и ранил 14 лица во село во близина на Младеновац, предградие на Белград.

Во недела, на 7 мај, Министерството за внатрешни работи ги повика српските државјани од понеделник од 7 до 19 часот да го предадат нелегалното оружје во локалната полициска станица.

За тоа нема да сносат апсолутно никаква кривично-правна или прекршочно-правна одговорност, како и обврска да го образложат потеклото на тоа оружје, изјави Билјана Отовиќ Пјановиќ од Службата за сузбивање на криминалот на МУП.

Во Србија веќе во неколку наврати е организирано предавање на оружје, која според некои истражувања се смета за една од земјите во светот каде има најмногу оружје меѓу цивилите.

Сепак, не е прецизно колку оружје навистина има меѓу цивилите во Србија, а во последните две децении се предадени десетици илјади оружје.

Последната ваква акција беше спроведена за време на вонредната состојба воведена поради пандемијата на корона вирусот, од 16 март до 16 јуни 2020 година.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во акциите за собирање нелегално оружје од 2003 до 2017 година се предадени 101.283 парчиња оружје и 2.517.520 парчиња муниција.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното