Од утре, 1 септември, официјално стартува проектот „Градски воз“, со кој се воведува железничка врска меѓу Зелениково и Скопје. Проектот има цел да овозможи побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз за жителите на приградските населени места и скопските општини.
Официјалната промоција на проектот ќе се одржи во среда, 2 септември, со почеток во 11 часот. На настанот се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорите на ЈП „МЖ Инфраструктура“ и „МЖ Транспорт“, како и градоначалниците на Скопје, Зелениково, Кисела Вода и Аеродром.
Присутните симболично ќе го означат почетокот на проектот со патување со воз од железничката станица во Зелениково до Новата железничка станица Скопје.
Првата линија од Зелениково до Скопје
Првата од трите планирани линии ќе сообраќа на релација Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче – Нова железничка станица Скопје.
Од Министерството за транспорт информираат дека за потребите на проектот е извршена целосна реконструкција на пругата на оваа релација, со цел да се подобрат условите за сообраќај и да се зголеми капацитетот и брзината на возовите.
Линијата ќе се реализира со три возови, според однапред утврден ред на возење што го подготви „МЖ Транспорт“.
Целта на проектот е да се подобри поврзаноста на периферните и приградските делови со централното подрачје на Скопје, со што, според Министерството, граѓаните би добиле пократко и поевтино патување, помалку време на чекање и побрз јавен транспорт.
Посебен акцент е ставен на поврзувањето со автобускиот превоз. „Градски воз“ треба да биде усогласен со возниот ред на ЈСП, со што се очекува да се создаде интегриран систем на јавен превоз достапен за граѓаните, студентите и учениците.
Се подготвуваат уште две линии
Паралелно, веќе се работи на проектирање на втората и третата линија на „Градски воз“.
Втората линија е планирана да ја поврзува Новата железничка станица преку Бутел и Скопје-Север со Ѓорче Петров, додека третата би сообраќала на релација Нова железничка станица – Автокоманда – Маџари – Илинден.
Од Министерството за транспорт очекуваат со реализацијата на проектот железничкиот превоз да добие поголема улога во јавниот транспорт во Скопје и околината.