Од утре започнува Божиќниот пост – овие правила треба да ги знае секој кој пости

Божиќниот пост започнува утре на 28 ноември и ќе трае 40 дена, сè до 7 јануари – денот кога православните верници го празнуваат Христовото раѓање. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година започнува на истиот ден и завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанската традиција го темели постот на примерот на Исус Христос, кој според Светото писмо 40 дена престојувал во пустината во пост и молитва. Верниците преку воздржување од одредена храна и преку духовни практики се подготвуваат за значењето на претстојниот празник.

Божиќниот пост е втор најдолг во православниот календар, веднаш по велигденскиот. Правилата за исхрана се сметаат за „поблаги“ во однос на велигденскиот пост, бидејќи во определени денови е дозволена употреба на масло, вино, а често и риба.

Во православната традиција, верниците во текот на постот најчесто се исповедаат и се причестуваат, со цел подостојно да се подготват за празнување на Христовото раѓање. Постот подразбира не само воздржување од мрсна храна, туку и од негативни мисли, зборови и дела. Во овој период, и славските трпези се подготвуваат со посна храна.

Според црковниот типик, правилата за постење се следни: во понеделник, вторник и четврток се дозволени јадења подготвени со масло; среда и петок се денови на строг пост; а во сабота, недела и на празници се дозволува риба. За монаштвото понеделник исто така се смета за строг пост, додека кај верниците кои имаат именден или слава се благословува употреба на риба.

Православната црква пропишува еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните се среда и петок, како и пости на 18 јануари (Водокрст), 11 септември (Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител) и 27 септември (Крстовден). Повеќедневните пости ги опфаќаат велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости.

Историјата на Божиќниот пост датира од првите векови на христијанството и е забележан во делата на светителите од 4 и 5 век. Првично траел седум дена, а одлуката да биде продолжен на 40 дена била донесена на црковен собор во 1166 година.

Традицијата со временското траење на постот се поврзува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци кон Витлеем, каде што според христијанското учење се родил Исус Христос. Токму затоа постот симболично се нарекува „ѕвезда водилка“ за верниците, како што ѕвездата ги водела мудреците кон местото на раѓањето на Спасителот.