Од Венеција претседателката ја повика дијаспората: Помогнете да го спречиме егзодусот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во емотивно обраќање пред македонската дијаспора во Венеција, упати силен апел за нивно поактивно вклучување во создавањето на „стандардна европска држава“ и побара помош во спречувањето на егзодусот на младите, кој го нарече најголема закана за иднината на Македонија. Говорот се одржа синоќа на свечен прием во Генералниот конзулат по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Дијаспората мора да биде рамномерен партнер во нашиот најважен потфат – да ја направиме државата стандардна европска држава каде младите ќе остануваат… и со која вие, иселениците ќе се гордеете и ќе имате причина не само да се навраќате, туку и да се враќате можеби. Тој потфат е нашиот НОБ, нашиот 11 Октомври на нашата и на вашата генерација“, порача претседателката.

Како причини за масовното иселување, таа ги посочи предолгата демократска транзиција и неправедните блокади на европската интеграција. За да се спречи овој тренд, Сиљановска-Давкова најави и конкретни чекори.
„Нашата Влада подготвува петгодишна Национална стратегија за дијаспората, во чие изготвување мојот Кабинет има сериозна улога. Дополнително, планирам набрзо да го формирам Советот за дијаспора при Кабинетот на претседателот“, изјави таа, додавајќи дека членовите ќе ги бира самата дијаспора.

Во своето обраќање, претседателката ги истакна и бројните историски, културни и демократски врски меѓу Македонија и Италија, почнувајќи од мисијата на Светите Кирил и Методиј во Венеција и Рим, инспирацијата што Гоце Делчев ја црпел од Џузепе Мацини, па сè до денешната соработка преку Венецијанската комисија и учеството на македонските уметници на Венецијанското биенале. Таа нагласи дека најцврстата врска меѓу двете држави е токму македонската дијаспора.

Пред свечениот прием, претседателката остварила средба и со претставници на македонските здруженија и на верските заедници МПЦ-ОА и ИВЗ.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.