Одбележување на „23 Октомври“, денот на македонската револуционерна борба

Во Република Македонија денеска е неработен ден, се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Владината делегација, предводена од министерот задолжена за подобрување на инвестициската клима за домашни компании, Зоран Шапуриќ, положи венец свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градски Парк во Скопје, кој рече дека кога ги величаме нашите великани од историјата, треба да се свртиме и кон иднината

„Цивилизациски и културолошки ние сме припаѓале и припаѓаме кон Европа. И во овиој момент треба да се интегрираме кон евроатланските интеграции, за добробит на сите граѓани на Република Македонија“, изјави Зоран Шапуриќ, министер без ресор за подобрување на инвестициската клима.

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од потпретседателката Фросина Ташевска – Ременски, исто така положи свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев. Ременски истакна дека патриотизмот во 21 век е посветеност за сигурна и безбедна иднина.

„Секоја генерација има своја битка, оваа генерација на политичари ја има можеби најтешката битка да го продолжи континуитетот на македонската државност и да го зачува идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик“, изјави Фросина Ташевски-Ременски.

По повод државниот празник, честитки упатија и Претседателот и премиерот на земјата. Тие, во нивните честитки не изоставија да ги спомнат и актуелните политички прашања.

„На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа. Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапија спротивно волјата на народот“ – Ѓорге Иванов, Претседател на Р. Македонија.

„Храброста на дејците на македонската револуционерна борба, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, е мотивот кој нѐ води секој ден на патот Република Македонија да ја исправиме пред светот како достоинствена во нејзиното единство и во остварувањето на државните цели. Учиме од историјата – чекориме силно и храбро кон иднината“ – Зоран Заев, Премиер на Македонија.

На 23 октомври 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев бил формиран Македонскиот револуционерен комитет или подоцна Внатрешно Македонската Револуционерна Организација. Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Со тоа почнало организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската Република, преку Народноослободителната војна резултира со создавање самостојна македонска држава.

Репортер: Александра Велинова