Јавното обвинителство вечерва соопшти дека се приведени две лица кај кои биле пронајдени 4,5 килограми кокаин. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, преку својот Фејсбук профил објави дека дрогата припаѓала на криминалната група на Раде Трајковски – Штекли.
-Одземени се над 4 килограми кокаин од групата на Штекли. Упорноста и професионализмот се клучни за успешната истражна работа. Во координација со Јавниот обвинител, продолжуваме со активностите против оваа криминална група. По само нецел месец од претходната акција, повторно запленивме значителна количина дрога од истата банда. Борбата против недозволената трговија продолжува – нема непобедливи криминални структури, напиша Јанев.
ОЈО информираше дека за двајцата приведени е побаран притвор и куќен притвор.
-По анализа на материјалните и видео докази, обезбедени при претресите на 18 и 19 јануари, денеска од слобода се лишени две лица. Тие се сомничат за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“, соопшти Обвинителството.
Истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика откриле дека првоосомничениот, приведен во Гевгелија, сокрил 3,5 килограми кокаин во бункер на патничко возило.
-При дополнителни претреси во домовите на приведените, пронајден е уште еден килограм кокаин. Обвинителството издаде наредба за истрага и побара притворски мерки од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, информираат од ОЈО.