Официјално: Од 1-ви јануари ЕУ го забранува увозот на руски гас!

Советот на Европската Унија денес одлучи дека увозот на руски гас во Европската Унија треба да биде забранет од 1 јануари 2026 година, вклучително и транзитот на таа енергија низ ЕУ до трети земји.

Министрите за енергија на ЕУ постигнаа договор за преговарачка позиција за нацрт-регулатива за постепено укинување на увозот на руски природен гас на состанокот во Луксембург, објави Советот на ЕУ.

Откако Европскиот парламент ќе ја дефинира својата преговарачка позиција, Претседателството на Советот на ЕУ ќе започне преговори со законодавното тело за конечниот текст на регулативата.

Регулативата, клучен елемент од планот на ЕУ за ставање крај на нејзината зависност од руската енергија, воведува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз на гас од Русија, со целосна забрана што ќе стапи на сила од 1 јануари 2028 година.

Преговарачката позиција на Советот на ЕУ го вклучува ставот дека краткорочните договори склучени пред 17 јуни 2025 година можат да се спроведуваат до 17 јуни 2026 година, а долгорочните договори до 1 јануари 2028 година.

Измените на постојните договори ќе бидат дозволени само за тесно дефинирани оперативни цели и не можат да доведат до зголемување на обемот, освен за некои специфични флексибилности за земјите-членки на ЕУ без излез на море погодени од неодамнешните промени во рутите за снабдување, се вели во соопштението.

Во соопштението, исто така, се наведува дека се презентирани дополнителни механизми за следење и известување за да се спречи влегувањето на рускиот гас во ЕУ според транзитните процедури – поминување на гасот низ Унијата на пат кон друга дестинација, без влегување на пазарот на ЕУ.